Добредојдовте | Информации за нас | Црковна програма | Здрава исхрана | Постојани теми | Фотографии
Изградба на црквата | Линкови | Книги | Пастор | Прашања и одговори | Дописна школа | Контакт
   Постојани теми
     ДУХОВНА ПОРАКА


Adventisticka crkva - logo



ХРИСТИЈАНСКА АДВЕНТИСТИЧКА ЦРКВА
Месна црква Кавадарци
ул. Кирил и Методиј бр. 7
1440, Кавадарци
Р. Македонија


Тел. +389 43 414-124
E-mail:
tomehac@mt.net.mk

 


Web Design
Tony48 Network

 

ВИСТИНСКО ИСКУСТВО
(од смрт во живот)

    Би сакала преку ова мое лично искуство да им укажам на сите оние кои не веруваат во Бога, дека Господ Исус Христос е единствениот Спасител на изгубеното човештво. Секој оној кој е тажен и немоќен, кој не може да пронајде излез и решение за подобар живот треба да свати дека постои излез и решение тука покрај нас, излезот е во Исус Христос. Да не е така, никогаш ова не би го напишала.

    …Како дете бев вредна, добра и послушна. Во моето рано детство го загубив татко ми. Тогаш за време на жалоста за прв пат го запознав Бога во моето семејство, но на жалост во погрешна светлост. Добив впечаток дека Бог казнува, и дека е Тој одговорен што ние останавме без родител. Се што се случуваше негативно во нашето семјество се припишуваше дека е дело на Бога, не се спомнуваше дека постои и друга сила на земјата – сатаната.

    Завршив средно образование и се вработив како медицинска сестра. Многу го сакав тој позив. Бев ценета, почитувана и прифатена од сите на работното место. После едномесечно дружење стапив во брак со човек кој добро не го познавав, но мислев дека со него ќе имам мир и среќа.

    По извесно време ми се роди првата ќерка. Бев пресреќна и сметав дека тоа мало суштество ќе ја зацврсти љубовта меѓу нас двајцата. Деновите одминуваа, но среќата и посакуваниот мир како да лебдеа некаде далеку. Духовно се повеќе се одалечувавме еден од друг. Наместо мир во душата кај мене се појавуваше страв бидејќи мојот сопруг беше многу љубоморен спрема мене. Почнав во душата према него да чуствувам само почит од страв. (Откако се случи најтрагичното и откако го запознав Бога јас сватив дека постои и ѓавол и дека тој плетел мрежа во нашиот брак). Почнавме да живееме секој на своја страна. Само грижата околу децата беше заедничка. На крајот сепак се разделивме.

    Сатаната успеа и ја оствари својата цел. Сватив дека со нашето разделување само се уништи бракот а проблемите се повеќе и повеќе растеа. Станав повторно мета на ѓаволот. Некој глас како да ми велеше: "за се си само ти виновна". Совеста почна да ме вознемирува и укорува. Чуствував страв и немир во душата како понатаму ќе живеам! Почнав да користам седативи (таблетки) кои делумно ме смируваа. Се надевав во моите блиски пријатели и мислев дека во тие за мене најтешки мигови ќе ми помогнат. Но помош не добив од никаде! Не бев потребна на никого. Останав да живеам сама во светот. Бев разочарана и осамена. Бев толку себична и заслепена што мислев дека само смртта може да ме спаси. Сатаната се повеќе ми наметнуваше грижа на совеста дека за се она што се случи самата сум виновна. За да најдам излез почнав да посетувам бајачи и гатачи мислејќи дека ќе ми претскажат нешто убаво и дека ќе ги решат моите проблеми.

    Со секој еден што бев во контакт ми велеа дека бајачите се луѓе поставени од Бога за да можат да му помогнат на секој што е во неволја!

    Деновите одминуваа а јас пропаѓав и тонев од ден во ден се повеќе како духовно така и телесно. Мојот живот беше вистински пекол а јас роб на ѓаволот. Во тие критични денови Божјата милост ме потикна и јас почнав да се молам на Бога да ми помогне. Сепак Бог во моето срце видел дека постои искра за него. Ми даде сила да отидам кај еден мој пријател (по професија полицаец, сега наш брат) кај кого никогаш не бев отидена. Гостољубиво бев примена од него и неговата сопруга. Им ја кажав целта на мојата посета, барав да ми помогнат.

    Разговаравме неколку часа. Но самиот разговор одеше кон Бога и Библијата. Кога станав да си одам, сватив дека не добив ништо од она што го барав. Но, сега разбирам дека Бог мудро го водел целиот настан. И денес ги паметам зборовите кои ги слушнав во текот на разговорот од тогашните мои пријатели, а сега брат и сестра во Христа дека: "не постои човек кој може да ми помогне освен единствениот и жив Бог кој гледа и знае се и сочуствува со мојата болка и чека јас доброволно да му се предадам. Да барам прошка и помош од Него". Ми кажаа дека треба да се молам редовно и да му кажам се на мојот Бог. Од таа вечер нашето дружење стана редовно.

    Во меѓувреме го запознав проповедникот Томе Трајков кој со голема љубов и трпение ме водеше се поблиску и поблиску до изворот на вистината. Предмет на нашите разговори беше Бог и Библиската вистина. Како времето одминуваше, јас се подлабоко навлегував во ризниците на Библијата. Бог навистина направи чудо во мојот живот. Стравот и немирот во душата исчезнаа. Сватив дека постои надеж, дека некој ме сака. Сватив дека сум потребна на моите ќерки и дека треба да живеам. Библијата стана патоказ во мојот живот. Бог ми даде сила и почнав полека да ги отфрлам старите навики. Станав нова личност. Почна надворешно да се приметува духовното и телесното напредување. Почуствував дека ѓаволот полека ме напушта.

    Секогаш кога посакував и на други да им посведочам за моето доживување, ѓаволот наоѓаше начин да ме спречи во тоа. Но не можам да ја опишам мојата радост и среќа кога потполно разбрав дека сум во правата вистина. После една година на проучување и дружење со Библијата на 12.06.1999 година јавно дадов завет по пат на крштевање дека верно ќе му служам на Бога.

    Преку страниците на Светото писмо разбрав дека Исус Христос со својата смрт на Голготскиот крст ми ги простува моите гревови. Од денес Тој е мојот најдобар пријател. Му го предадов моето срце и живот, и одлучив да го следам до крајот на мојот живот.

    Во оваа прилика би сакала да им заблагодарам на проповедникот Томе Трајков, семејството Арсовски и на останатите браќа и сестри од Велес кои покажаа голема љубов, трпение и добра волја кон мене што ми помогнаа да го пронајдам правиот пат до Бога.

    Моја молитва е Бог и во иднина да биде со мене, да ми дава сила да ги пребродам сите искушенија. Го молам Бога за моите најблиски, а посебно со мене да бидат моите две ќерки. Бог да ги благослови да бидат верни и да ги зацврсти во вистината.

    Драги пријатели, браќа и сестри нека Господ биде со секого, и нека му е вечна благодарност за спасението што ни го даде преку Исуса Христа. "А сега во Христос Исус, вие кои некогаш бевте далеку, доведени сте близу преку Христовата крв".(Ефесјаните 2,13)
Амин !

  


Марија Николова,
сега верничка во црквата Велес

Copyright © 2000,2001 Seventh Day Adventist Church
Created and maintained by Tony48 Network